“Приказна од дневникот на една тинејџерка”

После се на крај секогаш се добива решението дека тетратка најдобро ги впива солзите, пенкалото ги кажува зборовите наместо тебе, ти ги чита мислите најдобро од сите.
Ех таа хартија колку пати сум ја почувствувала како најблиската личност на светот…
само што неможе да зборува, или сепак може, но јас не ја разбирам, како што другите често
не ме разбираат мене.
Ќе ги напишеш неколку зборови кои за тебе ќе значат сеќавање,
спомен или далечна меморија од изгубени денови на смеа радост тага, разочарување…
ти само пишуваш, кажуваш се што сакаш без да добиеш критика за делото кое ни ти
самиот не си сакал да го направиш.
И седиш така во еден агол од својата соба во раните часови на мракот, за да го истуриш целиот гнев
врз страниците кои ништо не ти згрешиле.
Се сеќаваш дека имало денови кога врисокот на твојата болка си го прикривал со шумот на водата во бањата,
дека си чекал полноќ сите да заспијат за да не те видат како се враќаш дома со очи полни
разочарување и душа уморна од 24часовната борба… две- три долги воздишки низ маглата, и цртање лажна насмевка
со невидлив молив, (кој другите сепак го гледаат) пред да ја отвориш влезната врата.
Таа вечер сфаќаш дека единствено што ти преостанува е следниот ден да глумиш дека се е во ред, затоа што
кога ќе се занесеш во улогата барем
на момент помислуваш дека претставата во која си среќен е вистинита.
Тик…так…часвникот отчукува пак, и за секоја секунда ти ги броиш голтките алкохол кои си ги испил во барот…
Е да, алкохол и тинејџер, во годините кои треба да бидат најубавите во неговиот живот.
И се што добиваш од страна е само критика од личност која заборавила дека некогаш била на твоето место.
Се сеќаваш  дека често зорите од летниот распуст си ги дочекувал на некое од твоите скришни места,
за кои можеш само да фантазираш дека се излезени од твоите соништа.
Се гледаш себеси, една вечер, како седиш на камените скали, пиејќи пиво од самрак до зори, и знаеш дека
нема да ти наштети затоа што ќе го исплачеш до последната капка. Потоа се смееш и ја пееш тивко песната чиј
текст одговара перфектно на твојата ситуација, додека поминува една љубопитна мачка, се плаши и заминува…
и пак остануваш сам.
Често заслепена од гласовите на околината кои со прстот те колнат поради твоите грешки, а ти си среќна што си ги направила,
затоа што си се здобила со ново искуство, си научила како следниот пат да не паднеш во иста дупка.
Често се прашуваш дали некој некогаш те предупредил дека животот ќе биде баш таков,
и дека најтешко е кога се чувствуваш како земјата да ти се руши под нозете а небото гори над тебе.
Покрај решенијата кој треба да ги носиш за проблемите, и стратегиите за сигурен пат до саканата цел,
мораш да размислуваш со внимание за да не ја нарушиш довербата на другите во тебе.
За да не ги изневериш нивните очекувања од тебе, кои сами ги создале, па глевен виновник си ти ако тие погрешиле.
Да, знам и самата дека сум направила разочарувања . Грешки и глупости, но сеуште вредам да бидам ценета затоа што никој
не е совршен, и никој не е онаков каков што ние очекуваме да биде.
Лесно е да се критикува, но тешко е да бидеш критикуван затоа што пушиш цигари, кога оние што те критикуваат
незнаат дека цигарата на моменти е подобро рамо за плачење од самите тие.
Ќе ти речат дека твојот образ е црн, без да знаат дека си се изгорел кога си мислел дека убаво е долго да гледаш во сонцето.
Заспиј, кога уморот сам ти ги затвора очите со помисла и надеж дека следниот ден ќе можеш да му измислиш насмевка и на сонцето.
Заспиј, кога сакаш да се разбудиш со подобра шанса за нова игра, но немој низ сонот да заборавиш дека утре
те чекаат другите кои заборавиле дека не си единствениот грешник.
И потоа мораш да го прекинеш пишувањето на денешната приказна за твојот дневник затоа што согледуваш дека последните
реченици кои си ги напишал немаат никаква смисла, а за следните немаш никаква идеја. Инспирација убиена од родителите
што често заборавват дека на еден тинејџер му треба време кога несака да зборува со никого…

Leave a comment