Ранета срна

Ми навираат солзи во очи!

Се чудам како е возможно секогаш да бидам толку близу, а сепак далеку.
Баш во оној миг кога ќе се решам на чекор, се појавува бездна пред мене. Ако до тој момент на чекор од мене стоел некој и ме повикувал да направам чекор, од тој момент, од другата страна на бездната нема никој.
Се чувствувам како да сум одела пеш до врвот на некоја планина. Толку сум изморена, повеќе и немам сила. Конечно стигам на врвот и сум подготвена на уште еден чекор напред, но одеднаш се појавува кратер.
Навистина е болно чувството кога ќе видиш колку напор и сила си вложил, а оној од другата страна не можел ни малку да почека. Да! Бедно е и боли кога пеш и боса го поминуваш истиот пат за назад. Со сите трња и камења, со сите студени ветрови и бури. Срцето ми се кине на парчиња, се обидувам да пресметам уште колку од тоа великодушно срце има останато во мене. Го чекам мигот кога ќе се претвори во камен и нема да чувствува ништо.
И како да не ми се плаче, кога во животот сум изодела пеш до многу врвови и сум била разочарана од фактот дека таму всушност нема никој.

Имам премногу работи да кажам, кои всушност не се лесни за кажување. Работи кои не ми се случиле по моја вина- туку така требало да биде. Треба храброст и трпение….само што изгледа никој го нема за мене. Треба бистар и чист ум, треба искрено срце и поглед кој не осудува- туку сфаќа.

И се ми е така проклето мачно денес! Денес не се трудам!

Заборавив да напомнам….. Признавам! Јас сум онаа девојка која нема среќа да направи чекор и да застане до некој. Јас сум онаа која од страна изгледа како се’ да и е совршено- но, не и е!

И денес, ми треба некој со кој ќе можам да застанам рамо до рамо и да чекорам со ист од. Ми треба некој кој ќе успее да ми го прочита стравот во очите и ќе ме почека, бидејќи иако изгледам како лавица- јас сум ранета срна која има страв во себе.

Leave a comment